reklama

reklama

reklama

ОДБРАНА НА МАРКУКУЛЕ СО ТАПАНИ НА ВЕТАР PDF Печати Е-пошта
Прочитано : 38 пати.
Сабота, 10 Февруари 2018

Тврдината на Маркови кули се до загинувањето на Крал Марко во 1395 година била постојано одржувана и обновувана, зависно од власта и владетелите со стариот град Прилеп. Имајќи ги во предвид почетоците на нејзината традиција кои и со археолошките истражувања се потврдени уште во периодот на големата македонска империја во антиката, во т.н. хеленизам (македонизам), тврдината веројатно била постојано актуелна. За сите векови и илјадалетија, таа доживеала голем број напади и освојувања од разни владетели со силни војски. Одговорот за освојувањата во античкиот период е тежок. Но, според историските и археолошките потврди за стратешкото место на античкиот град Прилеп, бил изложен на постојани напади на организирани војски и наезди на разни племиња кои доаѓале од север во пљачкања на развиената македонска држава. Посебно опасни напади вршеле Дарданците кои живееле некаде на денешниот простор на Косово. Според историчарите и археолозите, еден напад бил за време на македонскиот цар Филип Петти. Во нападите на римските војски, Дарданците и Илирите навлегле преку превојот кај селото Дебреште каде имало силно утврдување. Во ваквите напади се напаѓал и Прилеп. Познато е дека Прилеп е освоен од Римјаните во 170 година п.н.е. Силното утврдување на Прилеп доживеало атаци во првите векови на минатото илјадалетие кога овој град бил повеќепати освојуван од различни владетели меѓу кои византиски, бугарски, српски и други, кои често, во кратки периоди, се менувале едни со други.

Освојувањата низ вековите се причина за народни преданија кои говорат токму за такви деструктивни настани. Едно од нив е и преданието поврзано со паѓањето на Кралот Марко и со него на неговата престолнина и државата. И по паѓањето на Кралот Марко, според преданието, Прилеп не се предал без борба. Тоа говори за заминувањето на Марко со итроштина од тврдината во друг свет по измислувањето на барутот и пушката кога можноста за јунаштво во праведен мегдан паѓа во вода. Тогаш Марко, напуштајќи го Прилеп, оставил на тврдината тапани да тропаат на ветер, со што турските освојувачи не се осудувале да влезат. Еве како го пренесува ова предание Марко Цепенков.

"Откоа си ошол Марко од Прилеп, тапаните се си буале на ветар, дури не ми кажала една ѓаолцка баба на Турците, оти Марко бил побегнат и тапаните буале на ветар. Коа ошле Турците вистина и нашле тапаните курдисани на ветар".

Мистиката која се крие во преданијата тера на размисла. Преданието со тапаните е блиско со преданието на Крклари кое говори за договорот на 40 турски јунаци да го убијат Кралот Марко, но многу повеќе со преданието за страшната клетва за мајките, кои учествувале во градењето за време на кралувањето на Марко. Сите тие во себе кријат набој од содржини кои се напластиле една на друга низ времињата на активно живеење во тврдината и во населбата околу неа.

Тврдината, по паѓањето на Кралот Марко во 1395 година, почнала да пустее како во клетвите. Имено, Турците со доаѓањето на овој простор почнале да се населуваат покрај Оревоечка Река, каде се наоѓа градот и денес. На тој начин стариот град го загубил значењето, а со него и силната тврдина - Марковите Кули. Тоа е времето кога овој простор го губи стратешкото значење и почнува да слабее. Тврдината уште извесно време била користена од Турците за одредени споредни намени, но некаде во 17 век престанала и таквата активност.

Еве што забележал познатиот турски патеписец Евлија Челебија кој овде пропатувал во 1670 година.

"Тврдината е далеку од градот на еден гол и каменит врв. Има шестоаголна форма. Таа е тешко пристапна, силна тврдина. И до сега (1670 г.) внатре во тврдината има три куќи, а само еден надзорник. Никој друг внатре не живее. Амбарите уште од преземањето се полни со просо". Веројатно по времето за кое пишува Евлија Челебија започнал период на разградување при што голем дел од градежниот материјал бил разграбан за изградба на куќи за живеење и други градби.

Извадок од книгата "Древна цивилизација" од Тренчо Димитриоски

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 

488

face

anketa

НАСЛОВНА

prognoza